Токискиот дневника на Иван Блажев

Иван Блажев, наш реномиран фотограф, неодамна ја посети Јапонија на мастерклас за рачна изработка на уметнички фото-книги. Тој се разбира направи и фотографии од Токио, а дел ги прикажуваме тука. Му поставивме неколку прашања за неговите доживувања во Токио.

Што се смени во твојата перцепција за Јапонија откако ја посети?

Не би рекол дека нешто се смени. Попрецизно би било да кажам дека ми се прошири и продлабочи. Мојот интерес за Јапонија и јапонската култура и уметност трае веќе подолго време, уште од средношколските денови кога за прв пат дојдов во директен контакт со таа култура. Потоа, интересот само се зголемуваше и прошируваше. Во факултетските денови поблиску се запознав со укијо-е уметноста и хаику поезијата, а подоцна секако и со фотографската историја на Јапонија, посебно современата пост-воена сцена. Секако, низ целиот овој период постои и желбата за посета на Јапонија, но без можност за реализација. И карактеристично за сите овие години е дека од една страна ја чувствувам културата блиска, а од друга страна сепак многу далечна и нестварна. И се така до првата можност за посета, која се случи во декември минатата година, кога имав можност да престојувам две недели во Токио за прв пат. И првиот момент кога се најдов таму го имав тоа чувство, дека на прв поглед се е познато, а сепак толку многу различно, како нешто да е изместено, невообичаено. Можноста да се искуси директно секојдневието во Токио навистина ја проширува и продлабочува перцепцијата за таа култура. Колку и да знаеме за стереотипите, карактеристиките и специфичностите на јапонската култура, кога директно ќе се соочите и доживеете лично, искуството и чувството е многу поинтензивно.

Што ти остави најголем впечаток на мастеркласот?

Мастеркласот беше едно фантастично, несекојдневно и многу вредно искуство. Организиран е од страна на една фотографска галерија во Токио, а ментори беа главната кураторка и уметнички директор на галеријата, како и двајца холандски графички дизајнери, кои моментално се едни од најпознатите и најбарани дизајнери, чија специјалност се изработка на фото книги. Имаше 12 учесници и групата беше интернационална, пола од учесниците беа од Јапонија, а другата половина од различни земји. Идејата зад мастеркласот е да дојдеш со завршен фотографски проект и за време на мастеркласот да се изработи уметничка фото книга како објект, од развивање на концепт, селекција и секвенцирање на фотографии, осмислување на дизајн за книгата, избор на хартии, печатење и поврзување на истата. И на крајот во рацете имаш готов, рачно изработен примерок. Посебно ме воодушеви искуството и пристапот на менторите, нивното размислување и сфаќање на фото книгата како уметнички објект, како и размената и взаемната инспирација и постојано поттикнување за продлабочено осмислување на проектите со другите учесници на мастеркласот. На крајот имав чувство дека сум сработил 12 комплетно различни проекти, а не еден, само мојот. 

Што би применил од јапонската култура и однесување тука кај нас? 

Ах, прашањето за милион долари. Огромен впечаток ми остави свесноста и односот кон јавниот простор и кон другиот. Ова е една широка категорија во која можат да влезат повеќе аспекти од културата и секојдневното однесување па да не набројувам би ја генерализирал на тој начин. А би ги издвоил (не)фрлањето ѓубре, чистотата на улиците, чекањето во ред и почитта кон другите.