Горазд Наневски - млад македонски музичар инспириран од каизен

Горазд Наневски има само 18 години, а веќе започна со својата музичка кариера и неодамна го издаде своето EP „Каизен“ инспириран од јапонската методологија за постојано усовршување. Му спремивме неколку кратки прашања.

Кога започна со музика?


Кај нас дома од секогаш се слушало музика, дури и по сите соби, па од кога знам за себе сум бил изложуван на најразлични бендови и артисти, односно музички ентитети од најширок спектар. Првата гитара ја добив некаде на 8 год, а свирам 10 години. Со творење почнав посериозно некаде во 2019 година и со особен интензитет во текот на пандемијата. Покрај гитарата творам користејќи ги електронските алатки и софтверските платформи како Cubase, Ableton.

Дали имаш некое хоби?


На страна од музиката и подкастот во Урбан ФМ со Јован, се трудам да посветам време на физичкото здравје. Редовно одам во теретана,, а понекогаш се собира и екипа за баскет. Исто така, фан сум на Star Wars, и ги гледам сите серии и филмови веднаш штом излезат. Читам и секако слушам многу музика

Зашто токму Каизен?

Kaizen е продукт на желба да се подобрам во сите аспекти на животот а особено во  музиката и творењето, која се јави летото 2022г. Самата природа на проектот го предодреди неговото име, мое беше  да го откријам. За оние што не знаат, kaizen означува постепено, континуирано подобрување. Секако, и одкога излезе EP-то, гледам филозофијата на kaizen да ја применувам во сите полиња на животот.

Кажи ни нешто накратко за албумот и продукцијата?

Почнувајќи од централна идеја, почнаа да цутат многу нови идеи, кои ги запишував на еден note file на телефон. Фукусот на проектот е да се отслика мојот индивидуален социјален, емотивен и културен идентитет низ progressive изразот испреплетен со елементи од амбиент, fusion и djent.

За мене, еден од омилените моменти на целиот проект е гостувањето на маестро Ади Имери во песната ova ona.

Продукцијата на ЕP-то беше еден долг, но на крај успешен обид да го донесам она што ми свири во главата во (не само) аудио просторот на реалниот свет. Минувајќи низ голем број промени и ревизии, EP-то "kaizen" растеше истовремено со мене. Овој краток проект е сликата на мојот пат како музичар и како личност во последните 18 месеци.