Иван Јакимовски - средношколец кој знае да подготвува вагаши

Иван Јакимовски е трета година гимназија во „Георги Димитров“. Mоже да се пофали со голем дијапазон на активности во кои е успешен, а во некои дури и единствен. Вежба аикидо и учи јапонски.

На првиот Нихон-џи фестивал Иван ја претстави својата умешност во чајната церемонија, а подготвува и вагаши колачиња од грав кои одат во прилог на церемонијата.

Колку време е потребно да се подготват вагаши?

„Вагаши“ е широк поим кој се однесува на цела поткултура во јапонската кујна. Постојат разни видови (намагаши, мочи, дорајаки...), а за секој од нив е потребно особено трпение, бидејќи јапонската култура величи темелност. „Ва“ е древен назив за Јапонија, а „гаши“ е слатко. Под овој термин се подразбираат различни јапонски слатки.

Научив да правам намагаши од Мацунага-сенсеи, лектор кој предаваше на Филолошкиот факултет. Тој ни пренесе голем дел од неговата култура. Oд него исто така добив и дел од состојките и алатките кои кај нас се потешко достапни.

За подготовка е потребно време и смиреност. Гравот отстојува цела ноќ во вода за да омекне и да се прочисти. Потоа се вари, поминува низ сито и се засладува. Во следната фаза добиената смеса се дели на два дела. Еден служи како корка, друг за полнење. Сo раце и со алатки се формираат колачите. Најчесто се моделираат цветови, листови и животни во разни бои соодветни на годишното време. Главниот дел трае 5 часа. Треба да се варди смесата и да се стои покрај „огнот“.

Каков грав може да се користи?

Во Јапонија се употребуваат разни сорти. За овој вид вагаши, се покажа дека тетовскиот грав е одличен – го постигнува вкусот и текстурата на традиционалното колаче.

Кој е најтешкиот дел од припремата?

Би рекол дека тоа е кога се прочистува гравот, посебно ако е сварен несоодветно. Сиот треба да мине во обработлива смеса – да се отстранат кожата и грутките.

Дали нашата публика ќе има можност да ги вкуси некогаш?

Тоа зависи од желбата на оние кои следат, дали ќе бидат мотивирани да ја запознаат и шират јапонската кујна. Во Јапонија, овој вид вагаши се смета за деликатес, до степен што постојат слаткарници каде мајсторот го подготвува колачето пред твои очи. Но тука мислам дека тоа не би било доволно ценето.