Кинцуки инспирацијата на Надица Атанасова

Надица Атанасова е дипломиран археолог која својата пасија ја пронашла во користење на злато во украсување на порцелан. Нејзината желба за работа со злато уште повеќе се зголемила кога се запознала со јапонската техника кинцуги каде што всушност златото се користи за репарација на скршен порцелан.
 
Нејзината ќерка се вика Златица, а нејзините творби може да ги погледнете на инстаграм профилот:
 
Кога прв пат дозна за кинцуги и што тоа значеше за тебе?
 
Со филозофијата на кинцуги случајно се судрив кога истражував за златарските техники за дипломскиот труд. Тоа беше еден стресен период за мене и се сеќавам дека бев опседната со перфекционизам. Благодарение на кинцуги научив да ги прифаќам несовршеностите и не само тоа, туку и да ги величам, затоа што се дел од моето постоење и мојата лична историја. Кинцуги ме научи дека секогаш можам да почнам одново и покрај минатите неуспеси.
 
Што претставува за тебе користењето на златото во изработка на твојата керамика?
 
Мора пред се да кажам дека сум алергична на златото како метал, ама па затоа е и поголем предизвикот да работам со него. Но златото има моќ да ве маѓепса и да ве обземе; тоа го знаеме и од историјата на човештвото каде се претставува како симбол на чесноста, но и на алчноста. Во некои ситуации се претставува како средство за суета и знак за моќ. Во мојата приказна јас го употребувам за да дадам поголема вредност на предметот што го работам. Слободата што ја чувствувам додека творам се гледа по спонтаните разлевања на златото врз порцеланот. Тоа е медитативен потег, време за себе.
Дали некогаш вистински си составувала скршени садови со злато?
 
Имам искуство во составување на скршен сад со злато, ама не на традиционален јапонски начин. Нормално, од љубопитство го имам пробано и завршено тој процес, но начинот е полесен и побрз, што може не му дава помала вредност на крајниот резултат, но за мене секогаш е многу побитен процесот на изработка отколку крајниот продукт. Сакам да споделам дека техниката кинцуги ја имам применето на човечко тело, и за тоа имам видео документ и изложба на фотографии, која беше поставена во 2019 година.
 
Дали има пазар за твоите производи тука и дали си размислувала за продажба на интернет?
 
Моментално ги пласирам моите творби само на Инстаграм и не размислувам за други платформи бидејќи тоа бара поголема логистика и работа. За сега е доволно. Сакам да бидам дел од некои настани каде ќе можам да остварам физичка комуникација со клиентот, зашто така добивам поголема мотивација за работа. На тој начин можам да го одржувам моето хоби и да не се откажувам.
 
Дали би сакала да направиш работилница за кинцуги?
 
Секако дека би сакала да се оствари таква работилница, доколку има заинтересираност и услови за тоа. Мислам дека работилници од ваков тип сЕ повеќе се потребни во нашето општество. Секој би можел да работи на скршен сад, тоа е еден начин да се вежба концентрација, трпение и смирение на духот, а за крај времето што си го потрошил е материјализирано во еден трофеј, како позлатен скршен сад.