Интервју со Софија Шахпаска
Софија Шахпаска е уметница, гејм дизајнерка и колекционерка која преку своите дела ја искажува нејзината љубопитност и нејзините животни доживувања. Нејзиниот забележителен успех надвор од границите е освојување на B-rank за професионални дизајнери на “Rookie Awards 2024”.
Како би се опишала себе? По што сакаш најмногу луѓето да те препознаваат?
Можам да кажам дека сум дефинитивно личност која е едноставно љубопитна да знае што повеќе за светот и човештвото. Најчесто моите познаници и пријатели ме препознаваат по мојот позитивен поглед на животот и општо секоја ситуација. Поради мојата радозналост, се стекнав со бројни хобија за кои го посветувам скоро секој слободен момент.
Дали твојата желба како уметник е повеќе да создаваш концептуални дела кои испраќаат некаква порака или сакаш да се убави но со некаква функција?
Би рекла е сплет од двете нешта. Ми имаат кажано луѓето дека низ моите дела секогаш гледаат некаква приказна скриена, сплет од емоции и се разбира, многу дела биле одраз на моите доживувања во тој даден момент во животот. Во овој момент на моето патешествие јас сум повеќе дизајнер отколку класично дефиниран уметник само поради тоа што сакам моите детални дизајни да се дел од нешто поголемо како игра или стрип/графичка новела наспроти едно дело со една единствена порака и толку.
Кога создаваш концепт дизајни за игри дали размислуваш и за механиките и гејмплејот или повеќе се концентрираш на градење на светоив и што се треба тие да содржат?
Било да е со клиент или на некој личен проект, пред сè мора да се дефинира стилот на играта, каков тип на игра е во прашање (барем некоја базична идеја) и приказната од која се состојат карактерите, нивните особини, околината во која живеат/опкружувањето на главното дејство. Тие се некои правила кои мора да се почитуваат за да се знае потоа кон која насока да се движат дизајните.
Како дизајнер, не сум јас таа (најчесто) која ги програмира механиките и физиката во играта, но сепак мора да сум запознаена со очекувањата однапред за да не настане конфликт помеѓу дизајнот и тоа што е навистина можно/потребно.
Спомна дека сакаш да спремаш дизајни на игри за во виртуелна реалност*, колку таа задача е тешка и на што треба најмногу да се мисли за овој специфичен тип на дизајнирање?
Уште од средина на моите студии бев интересирана за да креирам игри во виртуелна реалност кога активно го играв мојот Oculus Rift S, па почнав да учам 3D моделирање, спремање на сцени во тродимензионален простор и визуелно програмирање во Unreal Engine 5, меѓутоа често се судирав со досадни проблеми кои немаа јасно решение тоа време на интернет и наскоро се обесхрабрив кога приметив колку многу треба да вложиш во твоето знаење од повеќе области за да воопшто направиш нешто што е интересно да се игра. Затоа при крајот на студиите запишав студии на M3DS Академија за 3D дизајн на игри и филмови каде бев меѓу амбициозни луѓе кои беа исто толку желни за знаење колку што јас бев. Па мојата желба за виртуелна реалност повторно се врати, бидејќи беше сега возможно тоа да се достигне со моето новостекнато знаење. Од досегашното искуство со виртуелна реалност, пред сè мора да се биде во нозете на играчот. Дури и би рекла дека емоциите и мислите во секој даден момент се клучни, бидејќи градиме нешто што сепак е поверодостојно и поинтензивно од досегашните “нормални” игри на компјутери и конзоли. Комфортот/доживувањето и колку е веродостојно тоа што го раскажуваме/прикажуваме е клучно за да се доловат можностите на гејмањето на овој начин.
Ме интересира нешто повеќе за твојата пасија за колекционерство. Нема да навлегуваме колкава колекција имаш но повеќе каков тип на колекционерски предмети те интересираат?
Хаха, не би била дизајнер на видео игри ако веќе не бев навлечена на некаков аспект на колекционерство, било да е игри, конзоли или фигури од омилени серијали/игри. Бидејќи сум ретро љубител, највеќе сакам да собирам ретро игри, зборам за игри што се 15+ години стари кои сè уште имаа некое книгиче или нешто внатре во пакувањето кое м удава повеќе карактер и вредност. Многу ми е жал што денеска кога ќе дојде нешто принтано како мапа или постер сосе играта се смета за “премиум” или “колекционерско” за многу луѓе. Кога некогаш тоа било нормата, или пак чудно би било да го нема. Заради ова, најомилени игри за собирање ми се за Playstation 2, Super Nintendo, Nintendo Famicom и Sega Saturn.
На нашиот следен настан ќе се претставиш со принтови од твои дела, стикери и 3D* печатени приврзоци и фигури. Кога започна со 3д принтање, дали е тешко и што најмногу сакаш да создаваш?
3D Принтањето беше нешто многу неочекувано во мојот живот за кое ми се роди огромна пасија. Започна со тоа што двата принтери во фирмата на татко ми не се користеа нешто многу и фаќаа прашина. Јас еден ден затекнав како вработени принтаа делови за машина на него и бев радознала за како тоа работи. Еден од нив ме научи како се користи како и сервисирањето и од тогаш се заљубив во можностите кои ги нуди таа дисциплина. Денеска работам воедно и како сервисер на 3D принтери и техничар кој може да ги реализира идеите на луѓето со помош на принтерите и горенаведените стекнати вештини од моите студии. Дефинитивно е тешко отпрво да се запознаеш со сите ефективни начини за принтање на работите, како и кога нешто нема да работи како пто треба да можеш сам да си го поправиш, ама со многу trial and error, може да се направи ама баш било што. Најмногу сакам да си ги принтам своите 3D дела, оригинални или fanart од игри/филмови, има нешто магично во тоа да држиш во раце фигура која ти си ја создал од почеток до крај. Најголемиот 3D print кој го имам направено е мојот робот за дипломската задача, кој е висок 70 cm, составен од 30+ делчиња и е рачно обоен/текстуриран. На настанот ваш ќе биде прикажан за прв пат во јавност откога дипломирав минатата година на Факултетот за ликовни уметности.
Која ти беше идејата позади твојата скулптура “Лаки” која ја објави пред некој ден?
Лаки беше идеја која ја имав долго време родена од мојата пасија спрема 3D печатењето. Всушност, јас сакав да креирам еден збир од дела кои би ја критикувале насоката кон која иде човешството со својата ненаситност со технологија, брз начин на живот и загадувањето на природата. Така, “Лаки” беше само главниот фокус на тој збир од ликовни дела кој би ги обединил во еден нов предизвик на човештвото- а тоа е вештачката интелигенција. Па така роботов е само уште еден обичен “граѓанин” на тој свет, нешто секојдневно, вообичаено, со оглед на тоа што со секој изминат ден гледаме како сè почесто се интегрира нешто вештачко на работното место или секојдневниот живот со природното.
На натпреваров “Rookie Awards” годинава и ти се претстави со својата уметност. Кажи ни нешто повеќе за тоа. Што претставува тој натпревар и како заврши ти на него?
Ах, епа, натпреварот “Rookie Awards 2024” е всушност предизвик кој си го поставив на самата себе за да видам “до каде сум” со моето познавање на Game Design и Concept Art/Illustration. 6-7 месеци се затворив во соба, со една ненаситна желба да видам дали навистина бев добра во светски рамки или се залажував со моите амбиции. Се предизвикав да ги осмислам сите култури со кои израснав како и некои работи кои ми оставиле особено голем впечаток низ мојот живот како хорор игри, mech/gundams, живот на село како идеи за какви карактери и светови би направила јас во мои видео игри. Тоа беше и всушност задачата, како и колку добро би ги продале своите идеи како идни дизајнери на игри. Направив 4 проекти со бројни дизајни и креативни приказни кои навистина беа ексентрични за вообичаените тематики денешни за видео игри, ама нели, како Indie игри сè е можно. Не завршив во финалисти, но затоа си заминав со ново-откриени пасии, идеи и можности со мојата уметност. Задоволна сум со своите визии а уште позадоволна со тоа што сепак на крајот завршив со B-rank во светот на професионалните дизајнери. Тоа ми потврди само дека идам во точниот правец со мојата уметност. Уште еднаш, ви се заблагодарувам за можноста да ги презентирам јавно овие дела пред македонската јавност, нашите гејмери и дизајнери.