Интервју со Николај Јанушев

Николај на македонската публика е познат како гејмер кој има освоено многу рекорди меѓу кои

  • 2 рекорда во Diablo IV (hardcore mode) пред првата сезона (preseason), едниот рекорд е ранк 1 rogue класа, а другиот е топ10 worldwide.

  • неколку официјални рекорди, како што се World First Horror Difficulty во играта Shadowman и во истата игра има освоено и најбрз Платинум трофеј.

но ние го знаеме како човекот кој си го остварил своето икигаи односно ја има работата од соништата.

Икигаи значи да го работиш она во што си добар, воедно си корисен за општеството, добро си платен и најважно од се уживаш тоа да го работиш. Во тој смисол, Николај, не само што сака да игра игри и е добар во тоа, но е корисен со својата работа и добро платен за неа.

За тие што прв пат се запознаваат со него, Николај има свој бустинг сервис заосвојување на „Платинум“ трофеи за клиенти (други играчи) од целиот свет и е сопственик и пасивен стример на Orozz TV (Twitch).

1. Николај какво е чувтвото работа да ти е токму она што го сакаш и како успеа во овој подвиг?

Чувството би рекол дека е преубаво кога нешто ти е пасија и тоа може да се преточи во некоја заработка. Успехот сам по себе неможе да дојде, потребни се деситици илјади часови гејмање и тренирање, но сепак не е се само до часови вложени. Да, секако после 10 000+ часови во која било гранка може да се постигне до “мастер“ ниво, но потребно е високо ниво на дисциплина. Успеав со многу стриктен начин на размислување, се водев баш со мотото “Ќе го направам ова, па што сака нека е“. Сепак не е се до дисциплина и начин на размислување, тука голема улога има среќата односно да се поклпат коцките баш како што треба, да се најдат правилните луѓе во правилно време и така дојде до тоа да гејмам за други луќе па се до OrozzTV!

2. Кои се твоите три најомилени игри на кои секогаш се враќаш кога имаш слободно време?

Ах, тешко е да одвојам три најомилени игри ама на првите три што може да ми текне тоа се: Resident Evil 4, Devil May Cry 3 и Dark Souls: Prepare to Die Edition. Овие три наслови се игри кои го опишуваат моето детство па сигурно еднаш годиншно имам како ритуал да ги преиграм повторно поради носталгија.

 

 

3. Каква работа ти е најголем предизвик, односно за што најчесто те најмуваат?

Најголем предизвик кога станува збор за работа би можел да кажам дека тоа е одредување на краен рок на една нарачка, односно кога би завршил. Тешкото е тоа што секој клиент си бара пократок рок за побрзо време да се заврши бидејќи маркетот е голем и може многу лесно да отиде кај некој друг што побрзо ќе го направи истото. Завршување после дадениот рок може да заврши до рефундација односно се тоа на клиентот да му биде гратис затоа што јас се водам со таква полиса „Или ќе бидам готов за многу брзо време, ако не еве ти ги парите назад и трофеите ти остануваат гратис“.

Најчесто би рекол дека ме најмуваат за Dark Souls триологијата и Resident Evil Village, прилично се брзи и имаат океј цена.

4. Дали знаеш доста македонски стримери и што мислиш дека ни фали за повеќе да се популаризираат

Искрено не знам стримери кај нас во Македонија, мислам дека имаше еден или двајца играа Valorant/CS:GO. Знам кај нас што има неколку подкасти како што се GGtvMK, Дебели Гикови и.т.н. но не знам некој што исклучително стрима само гејминг. Така уствари на нас ни дојде идејата до OrozzTV, да дадеме нешто ново во Македонија што не припаѓа на онлајн еСпорт бранша. OrozzTV немаше никогаш да се случи да не беa ComicsMK и Anhoch, поддршката кои они ја пружија на мене и мојот ко-стример Никола Чингоски е извонредна.

Кога го лансиравме самиот проект на првиот ден на излегување на експанзијата на Elden Ring, Shadow of the Erdtree, го осетив најголемиот притисок. До тој момент воопшто не бев навикнат ни да стримам со микрофон ни со камера, само чисто рекреативно ќе вклучев некогаш стрим за девојка ми или некој пријател. Првиот ден на лансирањето на OrozzTV имав преголема трема, мислам дека секое мускулче во телото ми беше вкочено и ми трнеа нозете, но веќе сум опуштен, стримингот ми стана едно обично секојдневие.

За повеќе да се популизира гејминг стрим кај нас потребно е да се чепка и на интернационално ниво, не само на домашна публика.

5. За нашиот следен speedrun настан си прилично зафатен и не можеш да ни се приклучиш, но која е твојата желба за гејминг настан кој му фали на Скопје и не се случил до сега?

Ќе речев дека фали speedrun настан, но ете веќе ќе има.. Хмм.. би рекол можеби фали кај нас саем на гејм девелопери што се од Македонија. Кога зборам за саем мислам поголем настан каде речиси ќе има повеќе гејм девелопери од повеќе бранши, PC, конзоли, tabletop. Има кај нас премногу талентирани дечки, како што се Workbench Entertainment, Dark-1 и.т.н. Гејм девелопери се најголемите херои кај нас и мислам дека треба повеќе внимание да се даде и на тој дел од гејминг браншата, пошироката публика да се запознае и со тој сектор..  Мислам дека има премногу потенцијал во ова мало парче земја, можеби некое мини Е3 настан во Македонија со наши девелопери?

6. Што би им порачал на оние кои сакаат да ја посветат својата кариера на гејминг и да живаеат од тоа?

Неколку збора само: строга дисциплина, пасија, упорност.

Мора да сте упорни во она што го правите било што и да е, евентуално ќе се погоди правилниот момент каде ќе биде наградени за се тоа, некој порано а некој подоцна. Кога ќе ви се отвори прилика колку и тоа да ве плаши мора таа прилика да ја зграпчите! Мене ме плашеше целиот тој стриминг момент, но ете излегов надвор од своја комфорт зона и сега чувството е бесценето!