Сакура

Иван Блажев

Иван Блажев е фотограф со посебен интерес за уметнички фото книги. Своите фотографии ги има изложувано на самостојни и групни изложби во Скопје, Истанбул, Белград, Нови Сад, Краков, Њујорк, Берлин, Виена, Мадрид, Брисел, Љубљана, Дрезден и др., и автор е на повеќе фото книги.

На фестивалот ќе се претстави со серија на фотографии направени за време на неговиот престој во Токио, насловена „Токиски дневник“.

Што те инспирира од јапонската култура?

Ме инспирира посветеноста кон она што се работи да се прави најдобро што можеи секојдневно да се усовршува истото.

 

За делата

Токиски дневник

1. Токио...Прв ден...Сетилно преоптоварување...

Пулсирачки метрополис на контрасти, каде традицијата е хармонизирана со модерното. Место каде што старите традиции коегзистираат со врвната технологија, каде што минатото секојдневно се судира со иднината.

Среде овој виор на стимули, постои чувство за ред и дисциплина што продира во секој аспект од животот во Токио. Од прецизно организираниот систем на метро до беспрекорната учтивост на неговите граѓани, постои непоколеблива посветеност на хармонијата и ефикасноста што го дефинира градот.

Се движам низ неговите улици, ги истражувам различните маала, фотографирам, „собирам“ импресии, водам визуелен дневник. 

(Фотографиите претставени на оваа изложба го претставуваат личниот визуелен дневник кој го водам за време на мојот престој во Токио заради учество на Мастерклас во декември 2023 год.) 

2. Легендарниот пешачки премин Шибуја во шпицот на сообраќајниот метеж е симбол за хаосот и динамичноста на раздвиженото Токио...

Движењето низ тесните улички на рибниот пазар Цукиџи исполнува со глетки, звуци и мириси на тезгите со улична храна...

Неонските светла на Шинџуку ме потсетуваат на првата сцена од филмот „Изгубен во преводот“ во која Бил Мареј ненаспан, туку што пристигнат во Токио, низ прозорецот на таксито ги гледа истите тие светла вчудовиден од глетката...

И оддеднаш, тишина. Светилиштето Незу, шинто светилиште познато по низата мали црвени тори порти, пример за впечатливата дихотомија на Токио, на традиционални светилишта сместени меѓу високи облакодери и спокојни градини кои нудат одмор од урбаниот хаос. Тивко е. Две семејства, неколку луѓе, кои риби во езерцето...и звук на молитва: паричка фрлена во дрвена кутија, ѕвоно, двоен плесок со дланките... Хипнотизирачки и спокоен амбиент...

Најмногу време поминувам во Сумида, каде што сум сместен и каде се одвива Мастеркласот. Сумида е историско маало во источно Токио низ чии улици се слуша ехо од минатото. Познатиот укијо-е уметник Кацушика Хокусаи бил роден и живеел поголем дел од својот живот во Сумида. Во Сумида е лоцирана и Tokyo Skytree, највисоката во свет телекомуникациска кула и трета во свет по висина градба. Изградена пред 12 години таа е новиот симбол на Токио...

3. Oд зад секој ќош во Сумида може да се види новата, иконична градба Tokyo Skytree. Ме пречека кога прв пат излегов од метрото, ја фотографирам од тераса, кога ќе застанам на пешачки, од другата страна на реката, дење, ноќе...

Инспириран од јапонскиот укијо-е уметник Кацушика Хокусаи и неговиот серијал „36 погледи на Фуџи“ создавам мој серијал „36 погледи на Tokyo Skytree“...

* Изложбата е поддржана од Никон Македонија и РефотМ.