Гораст Цветковски зборува за неговата најважна улога

Гораст Цветковски и е добро познат на македонската мејнстрим публика како успешен и талентиран актер и забавен водител, а на гејмерската публика како коосновач на првиот и единствен гејмерски подкаст ГГ.МК како и организатор на најголемиот гејмерски настан во државата А1 Гејм фест. Но можеби една од најважните улоги во неговата кариера со најдолгорочен ефект е неговата работа во развојот на гејминг индустријата и организирање на настани за девелоперите на игри, како и создавање на организација која работи на поддршка на овие девелопери наречена Асоцијација на македонската индустрија за видео игри или Macedonian Games Industry (MGI).

Во моментов се случува годинешниот Глобал Гејм Џем во Base42 и токму поради тоа сметаме дека е совршено време да го интервјуираме Гораст за важноста на она што го прави за гејм девелоперите со помош на неговата организација.

Во Македонија е предизвик да се развива гејминг индустрија поради ограничените ресурси и недостатокот на компании. Како се справувате со овие предизвици и што е мисијата на вашата организација?

Македонија беше првата држава во регионот која оформи асоцијација за развивање на видео игри уште пред 13 години, но поради геополитичката позиција, движењето на активностите беа релативно мали и малку. Како што кажавте, во Македонија приватниот сектор кој се бави со оваа сфера е релативно мал и доколку државата не се вклучи со влог и соработка, тој сеуште ќе каска зад другите земји.

Не дека оваа индустрија кај нас не напредува, баш напротив, напредува, но брзината со која се случува тоа е многу мала и заостанува зад некои од комшиските земји.

 

Целта на МГИ е да направи подобар еко систем за студиата, издавачите и индивидуалците кои сакаат да се бават со развивање и производство на видео игри во Македонија. Да се залага за нивните права, да го стимулира државниот апарат за да го препознае тој сектор како доста доходовен и да се вклучи со активно учество во подигнување, субвенционирање и развивање на истиот.

Вашите настани се значајни за локалната заедница. Како овие настани ги поттикнуваат девелоперите да создаваат и соработуваат?

МГИ минатата година имаше неколку поголеми митапи со предавачи од рагионот на различни теми. Имаме потпишано меморандуми за соработка со сите земији од Балканот, како и земји од Европа, Турција, Данска, итн... но нашиот најуспешен настан е Глобал Гејм Џем Скопје. Тој претходно 11 години беше дел од ГГЈМ, а од лани е индивидуална единка и ова е втора година во која се одржува. На настанот, кој е всушност 48 часовен маратон во креирање на игри, се пријавуваат околу 90 учесници кои креираат тимови кои потоа прават игри и ги претставуваат. Тие се на иста локација 3 дена, да, сосе спиење, а МГИ им обезбедува оброци, храна, пиење, кафиња и чаеви, супер брз интернет, грицки и занимација... и се разбира дружење и запознавање на истомисленици и (со надеж) идни соработници. ГГЈСкопје има одличен прием и кај публиката и кај поголемите компании кои се во оваа гранка кај нас. Како за пример (и флексање), Македонија котираше во ТОП 5 држави во креирање на игри по глава на жител.

Друг успешен проект на МГИ можам да го истакнам Shift2Games.com кое е водич во индустријата за развивање на игри. Ова е партнерски проект со Српската Гејминг Асоцијација каде сите можни професии за развивање на игри се дисекцирани до најмал детал во однос на потребно знаење, примери за ЦВ за апликации, реални задачи, и се друго што му е потребно како информација на некој кој сака да започне кариера во гејмингот.

Со оглед на вашите досегашни успеси, какви се идните чекори за зголемување на влијанието на организацијата?

МГИ во својот управен одбор ги има CEO-ата од најголемите компании за игри кај нас. Со нивно искуство и реални предизвици, барања и потреби, а заедно со заедницата и државата, се прави стратегија и план, да се изнајдат начини за олеснување на голем број препреки со кои се судираат работниците во овој сектор. Да се потпишат меморандуми за соработка на национално ниво во однос на едукација, пренесување на знаење и пракси со други земји кои малку постабилно стојат на нозе во гејм дев сферата. Да се настапи официјално како земја на некои од поголемите саеми и да се претстават домашните производи.

Вклучување на развивањето на игри во едукативниот апарат е круцијално за развивање на оваа сфера и нејзин успех. Па така имплементација на различни видови на едукативни програми во основните и средните школи како и факултетите е must-have момент.

Локалната гејминг индустрија е сè уште во развој. Каде ја гледате нејзината позиција во блиска иднина?

Македонската гејминг индустрија одлично се развива. Сеуште сме засегнати од „детски болести“ кои практично мора да ги реши државниот апарат, но дури и со таа кочница, Македонија има многу, претежно млади, луѓе кои сакаат да живеат од развивањето на игри. Докажано е дека Македонија има одлични програмери и девелопери. Има одлични уметници. Има одлични менаџери. Се што треба е сето тоа да се искомбинира за да се створи сериозно студио или издавач на игри. Според мене во наредните години Македонија ќе има огромна експанзија на ова поле, а бенефитите, особено финансиските ќе се почуствуваат веднаш.

Глобалните трендови во гејмингот брзо се менуваат. Кои од нив ги сметате за најрелевантни?

Мислам дека следува период на имплементација на вештачката интелигенција во ова поле. Тоа паралелно со имплементацијата на ВИ во хардверот ќе доведе до добивање на графички супериорни игри за многу помалку пари и со многу помалку труд, но секако најважен сегмент е креативниот момент кој исто така ќе има бенефит од ВИ апаратурата. Ќе се користи од примери за инспирација па се до готови решенија. Во секој случај не очекува многу возбудлив период.

Индустријата носи многу предизвици, но и можности. Што би им препорачале на почетниците кои сакаат да успеат?

Скоро сите луѓе во Македонија кои сега работат и творат во гејм дев секторот започнале на Глобал Гејм Џем. Ја имаме таа среќа, благодарение на МГИ, тој настан сеуште да се случува и е најдоброто место да се започне. Ги советувам сите луѓе кои сакаат да почнат со правење на игри да дојдат и да се запознаат со други кои ја имаат истата пасија. Следно е да се вклучат на дискорд каналот на МГИ (https://discord.gg/XEynjNAuN4) каде ќе се запознаат со заедницата и паралелно на тоа нека го прелистаат shift2games.com и нека се пронајдат во која професија сакаат за запливаат и што им е потребно.

За се друго можат слободно да ни пишат нас на било кој медиум, а најлесно е на www.mgi.mk