Билјана Црвенковска и авантурите во светот на стриповите

Билјана Црвенковска (писателка, издавачка, креативка) беше наш гостин на Сакура и зборуваше за делата на Хајо Мијазаки, каде што ни го откри големо влијание што тој го имал врз нејзиното пишување. 

Една страна која не е толку позната за неа е колку Билјана сака стрипови и е вклучена во стрип културата во Македонија. И оваа сабота 23 ноември ќе биде дел од нашиот настан Japanx42 каде што со неа и Антонио Арангеловиќ ќе зборуваме за стрипови и манги.

Пред настанот ѝ поставивме некои клучни прашања за кои добивме многу интересни одговори.

Билјана ти не само што си љубител на стрипови и манга, но имаш и една серијализирана книга ТКЦП со елементи на стрип и еден оригинален стрип „Девојчето кое танцува со пролетта" со илустраторката Ана Петровска. Што мислиш дали има простор за повеќе стрип изданија од македонски автори? 

Апсолутно има повеќе простор за изданија од македонски автори, особено што во светот во моментов стрипот станува сѐ попопуларен, како во времето кога ние бевме деца. И тука не мислам само на манга, бидејќи манга-еуфоријата трае веќе подолго време, туку и, на пример, на европските стрипови и графички романи. На пример, има еден тренд на креирање на одлични woke стрипови/графички романи, со феминистичка или квир тематика, на пример. Би сакала да видам стрипови од домашни автори што би ги следеле овие трендови, на пример, и сметам дека има простор за тоа. Секако, многу се важни и финансиите. Не е лесно да се најдат финансии бидејќи стрипот чини многу повеќе од една обична книга – пред сѐ трудот вложен да се нацрта стрип е како да се нацртале 10 илустрирани книги. А и продукциските трошоци се многу, многу поголеми. Затоа е важно да се апелира кај релевантните институции, да им се посочат овие проблеми и да се настојува стрипот да се препознае како дефицитарен жанр и посериозно да се поддржува неговото издавање.

Зошто одлучи да пишуваш приказни за деца?

Реално, не пишувам само за деца, но пишувам многу повеќе за деца. И тоа е од различни причини. Едната е дека пишувањето сликовница, на пример, трае пократко одошто пишување еден роман или некакво друго дело за возрасни читатели. Ако мојот трет роман за возрасни читатели го пишувам веќе трета година, во меѓувреме напишав повеќе сликовници и еден роман за деца. Втората причина е дека сето тоа некако природно ми доаѓа. Пишувањето за деца. Го негувам детето во себе и сакам да пишувам приказни какви што јас сум читала кога сум била дете и да креирам волшебни светови за децата. Третата причина е, секако, и финансиската страна – книгите за деца се продаваат многу повеќе и, секако, на секој писател му е важно неговите книги да е продаваат и да не стојат да фаќаат прашина, ха, ха... И како последно, секое пишување е предизвик. Авантура. А јас сакам авантури уште од првиот момент кога сфатив што значи тој збор. 

Која е разликата во пишување за помлади и постари читатели?

Има огромна разлика. Пишувањето за деца е тешка и одговорна задача. Мораш да мериш и премеруваш што ќе кажеш и како тоа ќе го кажеш. Едноставно не можеш да се опуштиш и да пишуваш што ќе ти текне затоа што ти, како возрасна личност, имаш одредена одговорност што ќе им пренесеш на децата. И сѐ е многу комплицирано затоа што стандардите се менуваат и нешто што во наше време, кога сме биле мали, не сме го забележувале во книгите за деца, сега може да е застарено, или дискутабилно, или несоодветно, или навредливо за одредени групи, или дури и комплетно неприфатливо за денешните стандарди. Пишувањето за возрасни читатели, пред сѐ тука зборувам за книжевна фикција, е сосема поинакво и всушност тоа е најголемиот предизвик и вистинската авантура. Тоа е нуркање во длабоки и немирни води што те понесуваат и или ќе научиш да пливаш или ќе се удавиш. Тоа е тоа што би го правела постојано, но всушност не можеш да го правиш постојано затоа што пишувањето на едно дело толку те исцрпува креативно, што потоа ти треба период на закрепнување. Во тие периоди на закрепнување – пишувам за деца, затоа што не можам да замислам да не пишувам ништо. Постојано пишувам, различни работи, сѐ и сешто. И секогаш е тоа во некоја друга фаза на развој и така можам да си дозволам да пишувам повеќе работи истовремено. А инспирација имам секогаш и никогаш не доживувам блокада.

 

Како некој што пишува приказни како одлучуваш во кој стил тие да бидат илустрирани?

Барам илустратор што одговара по сензибилитетот на она што сум го напишала. Не секоја моја приказна може да ја илустрира секој. На пример, за серијалот ТКЦП – не би можела да замислам да го илустрира некој друг освен Здравко Гиров. Со Здравко сме направиле неколку книги заедно и имаме уште еден почнат и недовршен проект што се надевам ќе го реализираме наскоро (јас сум виновна, не ја завршив приказната, но, ќе биде J). 

Исто така, секогаш сакам да пробувам да работам со нови луѓе и со тоа создавам и нови пријателства. Првпат годинава работам и со илустраторка од Хрватска, тоа е Хана Тинтор. Таа е феноменална, многу талентирана илустраторка и нејзиниот стил и пристап се толку актуелни и модерни и различни и сум навистина возбудена што правиме нешто заедно.

Како е да имаш серијализирано дело во Македонија? Кои се најголемите предизвици?

Најголемиот предизвик е да не ти здосади да ги пишуваш сите делови J. Барем за мене тоа беше најголемиот предизвик со ТКЦП. За среќа, приказните ми беа смислени однапред и само требаше да бидам доволно дисциплинирана и да продолжам да ги пишувам. Мислам дека така е и со другите автори, но можам да зборувам само за себе.

Како издавач на стрипови и книги како може да ја претставиш работата со нови артисти и писатели и како може тие да стигнат до издавање на нивните дела?

Најлесно е да се обратат кај издавач, се разбира. Ние (Чудна шума, мојата издавачка куќа) сме отворени за соработка и сакаме да откриваме нови, млади таленти. За жал повторно морам да споменам дека секогаш финансиите се проблем, па затоа селектираме одреден број дела со кои аплицираме за поддршка за издавање. Секако, доколку наидеме на нешто вонсериско, можеме да одлучиме и да го издадеме делото без поддршка, но со оглед на тоа дека издаваштвото е дел од вонинституционалната култура, и нашата борба е борба со ветерници и е дело на нашата желба и ентузијазам – исто како и во многу други области во културата – визуелните уметности, музиката и сл.

Дали има некои нови писатели и стрип цртачи кои се underrated и треба луѓе да ги дознаат?

Нашето последно големо откритие е Методија Стојановски, одличен млад стрип автор чие дело ќе излезе на почетокот на следната година. Одличен стрип, кој дојде во наши раце благодарение на препораките на Антонио Аранѓеловиќ (Тонјо Сан). Исто така, одлична авторка за деца е, на пример, Александра Симова Клинчарова, која не ја знаат доволно во нашите книжевни кругови, а нејзината книга „Забранетата соба“ во издание на „Чудна шума“ и со одлични илустрации на уметникот и дизајнер Хари Дудески влезе на престижната листа “White Ravens” на 200 најдобри книги за деца и млади од целиот свет за 2024. Има и други талентирани уметници и писатели кои не се доволно познати и кои заслужуваат да им се даде простор да се изразат.