Милош Ристоски - Дизајнерот позади логото за 30 години МК-ЈП односи

Милош Ристоски е дизајнерот на логото за одбележување на 30 години од дипломатските односи помеѓу Јапонија и Северна Република Македонија.

Од кога се занимавате со дизајн?


Уште од мала возраст сум бил љубопитен за уметноста и технологијата (барем така раскажуваат блиските). Навидум две доста различни научни области, кои успеав да ги спојам во тоа што сум денес. Почетоците и осознавањето за мултимедијалната уметност започнуваат на моја 12 годишна возраст, преку тогашните училишни проекти и задачи, кога за првпат имав слобода за креативно творење и можност за визуелно изразување.

Што ве привлекува во јапонската естетика?


Привлечноста кон јапонската естетика, за мене, лежи во длабоката едноставност. Соголувајќи го вишокот, за да ја открие суштината на убавината, таа резонира со чувството на спокојство, кое често целам да го постигнам во моите дела.

Безвременскиот шарм на едноставните детали и почитта кон природата е уште една причина зошто токму јапонската естетика има влијание и во моето креативно творештво.
Во суштина, она што ме привлекува е нејзината способност да го надмине само естетското и да допре до подлабоките аспекти на човековото искуство, а тоа се свесноста за опкружувањето и природата, ценењето на едноставноста и славењето на убавината што се наоѓа во несовршеностите на животот.
Дали имате влијание од истата при креирањето?
 
Јапонскиот дизајн и уметност имаат големо влијание врз моето креативно изразување, пред сè поради хармоничниот спој на едноставноста, софистицираноста и традицијата.
Јапонскиот дизајн ја цени едноставноста и функционалноста, отелотворувајќи ја суштината на „помалку е повеќе“. Овој минималистички пристап е всушност и основно начело во мојата секојдневна работа. И навистина, едноставноста не само што ја подобрува визуелната јасност, туку за мене секогаш поттикнувала чувство на префинетост и восхит.
 
Која ви беше инспирацијата за логото?
 
Главната инспирација во креирањето на логото ја пронајдов во националните симболи на двете земји и нивните основни обележја. Уметничкиот сензибилитет лежи токму во едноставноста на дизајн елементите и резонантната симболика која се стремев да ја постигнам.
 
Дали вашиот колектив е отворен за нови членови?
 
Секогаш сме отворени за поттикнување на нови соработки и креирање на средина во која таленти од различни области се здружени во создавање на иновативни креации.
Исклучително ги цениме уникатните перспективи и вештини на секој поединец и веруваме дека токму отвореноста на нашата работна средина ја носи најголемата додадена вредност за крајните клиенти.