Ивана Костадиновиќ - аниме косплеерката од Македонија

Ивана Костадиновиќ е една од најдобрите косплеерки во Македонија. Таа доаѓа од Прилеп, работи како 2д гејминг артист и во слободно време ги оживува ликовите од нејзините омилени игри, филмови и аниме серии преку изработка на костими.

На најголемиот косплеј натпревар, дел од А1гејмфест, два пати има освоено второ место, а еднаш четврто, а на нејзиниот профил @‌ivyghoul може да ги видите сите нејзини косплеи до сега, од кои најголем број се од аниме.

Бидејќи сме големи љубители на косплеј, и бидејќи се работи за јапонски феномен, решивме да ја претставиме накратко Ивана:

Кога прв пат почна да се косплејаш и како дојде до тоа?

-Уште како мала бев фасцинирана со идејата на косплеј, но за жал добив "храброст" да почнам со изработка на костими само пред неколку години кога бев 22 години во 2019 година. Ме изненади фактот дека добив многу голема поддршка од луѓе и тоа ме мотивира да продолжам со косплеј.
 
Колку време ти одзема да спремиш еден костим?

Во зависност на дизајнот на карактерот ми треба две до три недели, ако карактерот има повеќе детали и реквизити понекогаш ми треба месец до два.
Колку често правиш?

Пробувам да правам костими што повеќе во зависност од моето слободно време, просечно би рекла дека барем еднаш месечно правам еден косплеј.

Со што се занимаваш друго во животот и дали може некој да ти се обрати да му направиш костим?

Јас сум 2Д гејм артист, така да се занимавам со многу дигитално цртање и професионално и како хоби. А што се однесува за дали би правела костими професионално, засега не, моментално сум среќна со косплеј само како хоби.

Дали би држела работилница за косплеј?
 
Тоа е интересна идеја, можеби во иднина, кога би била сигурна дека имам доволно знаење за да пренесам.

Кој ти е омилен лик од аниме кој сакаш да го косплејаш, а до сега не си го подготвила?

Веќе долго време сакам да направам косплеј од Mikasa Ackerman - Attack on Titan, моето омилено аниме.

Ние се надеваме дека Ивана ќе успее да ја спреми маската на Микаса брзо и успешно како и сите претходни косплеи од АОТ, а ние ќе ја објавиме повторно, зашто и за нас ова ремек дело ни е најомиленото аниме.